Одбрана

Состанок на Воениот комитет на НАТО

14.01.2020 13:19

Воениот комитет на НАТО ја потврди посветеноста на мисиите на НАТО во Авганистан, Ирак и КФОР. Началниците на оружените сили од земјите- членки, вклучувајќи го и началникот на нашата Армија го разгледаа концептот на одвраќање и одбрана од актуелните закани, вложување во модернизација на силите и соработката со партнерите за зголемување на безбедноста...

Воениот Комитет на НАТО ги разгледа одлуките од последниот лидерски состанок на Алијансата во Лондон и подготви терен за нивно спроведување. Претседавачот истакна дека НАТО е најуспешниот воен сојуз и гарант за безбедноста на една милијарда луѓе во земјите членки.

„Ја прославивме 70- годишнината на НАТО, одбележувајќи ги 7-те децении на континуирана еволуција, адаптација за одржување на најуспешниот воен сојуз во историјата. Сите сојузници ја поддржија политиката на отворена врата со потпишување на пристапниот протокол за Република Северна Македонија. Особено топло добредојде за тебе Васко на нашата маса“, рече воздухопловниот маршал Стјуарт Пич, претседавач на Воениот комитет на НАТО.

НАТО ќе продолжи да го спроведува концептот за одвраќање и одбрана подигнувајќи ја подготвеноста на силите, капацитетот за нивно распоредување и модернизација на командната структура. Алијансата ја прогласи вселената за нов домен на операции. Сојузниците ќе продолжат да го зголемуваат воениот буџет. Останува посветена на мисиите во Авганистан, Ирак и на Косово.

„Мораме да останеме решителни во справувањето со тероризмот. Продолжуваме да одговараме одговорно на руското распоредување на проектили што претставува значителна закана за евроатланската безбедност. Ја зацврстуваме посветеноста на мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан за обука на локалните сили. Во Ирак, безбедноста на нашиот персонал е приоритет. Во моментов ја стопиравме мисијата за обука, но таа продолжува. Продолжува и мисијата КФОР на Западниот Балкан“, нагласи маршалот Стјуарт Пич.

На вториот ден од состанокот во Брисел, Воениот Комитет ќе го сврти вниманието кон Јужното крило на НАТО и ќе разговара за тековните работни напори и за зајакнување на соработката со партнерите и институциите со заеднички интереси во регионот, како што се Африканската унија, ЕУ и ООН. Началниците ќе ги разгледаат различните елементи поврзани со областа за одговорност на Врховниот Командант за Европа, вклучително и Командата на здружените сили Норфолк и Командата за заедничка поддршка и овозможување.

Ирина Гелевска