Иран

Апсења поради соборувањето на авионот, Рохани бара формирање специјален суд

14.01.2020 13:34

Во Иран уапсени неколку лица поради ненамерното соборување на украински авион. Претседателот Рохани побара формирање на Специјален суд за истрагата за минатонеделната несреќа во која загинаа 176 патници и членови на екипажот...

Иранското правосудство соопшти дека се уапсени неколку лица поради ненамерното соборување на украинскиот авион при што загинаа 176 патници и членови на екипажот. Претходно претседателот Хасан Рохани побара формирање на специјален суд за истрагата за минатонеделната несреќа. Иран во почетокот негираше дека летот бил погоден од проектил, но по притисок од Западот, Револуционерната гарда призна дека била направена грешка.

„Ова не е обичен случај. Целиот свет ќе го гледа овој суд. Невозможно е само еден човек да е виновен за инцидентот. Искреното признание и извинувањето од нашите оружени сили е првиот добар преземен чекор. Мора да се направат и други“, изјави претседателот на Иран, Хасан Рохани.

Инцидентот се случи во момент кога очекувале одмазднички напад од САД по ракетирањето на воените бази во Багдад каде што престојуваа и американски трупи. На тоа му претходеше убиството на вториот највлијателен човек во Иран,  генерал Касем Солејмани, по наредба од Белата куќа од каде што тврдат дека постоела опасност од напади врз американски цели.

Претставничкиот дом го осуди потегот и усвои резолуција за ограничување на воените акции по налог на американскиот претседател. Доналд Трамп ги обвини демократите за сојузништво со Техеран. На „Твитер“ објави фотомонтажа на која претседателката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси и лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер се претставени со традиционална облека од Блискиот Исток. 

„Го убивме Солејмани, првиот терорист во светот. Лоша личност, усмртил многу Американци, многу луѓе. Ние го убивме него. Срамно е што демократите се обидуваат да го бранат. Не смеат да го прават тоа“, изјави претседателот на САД, Доналд Трамп.

Тензиите на релација Вашингтон-Техеран се префрлија и во виртуелниот простор. Последните случувања беа инспирација за засега непознат хакерски оператор кој успеа да го вознемири населението на САД со лажни текстуални пораки за итно регрутирање и праќање на фронтот на Блиски исток.

„Постојат различни начини на кои Иран би можел да нè нападне, преку свои извори или користејќи ги оние на групите и армиите што ги поддржува. Можна е дури и кибернетичка војна“, изјави Џејмс Мерник, професор по политички науки.

Пентагон и натаму го зголемува военото пристутво на Блискиот Исток иако претседателот Трамп до неодамна тврдеше дека ќе ги повлече трупите од регионот.
 

Маја С. Филдишев