Опасноста од африканската свинска чума ќе потрае, забраните остануваат во сила
Опасноста од африканската свинска чума во регионот ќе потрае, а забраните остануваат во сила. Пријавено е ново жариште кај Пирот во Србија, а пред една недела болеста е потврдена и во уште 4 реони во Бугарија. Од Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетуваат граѓаните дека од овие две земји се забранува внесување свежо свинско месо и негови преработки. ФАО очекува поскапување на свинското месо поради болеста...
Опасноста од африканската свинска чума во регионот ќе потрае, а забраните остануваат во сила. Пријавени се нови жаришта во Србија, а пред една недела болеста е потврдена и во уште 4 реони во Бугарија.
„Во регионот на Димитровград и на Пирот е утврдено присуство на вирус на африканска свинска чума кај дивите свињи во тие два региона.Минатата недела имавме 4 настани во 4 региони во Бугарија на комерцијални фарми, додека кај Благоевград е откриен вирус на африканска свинска чума кај дива свиња“, изјави Зоран Атанасов- директор на Агенција за храна и ветеринарство.
Истовремено Агеницата за храна и ветеринарство ги повикува фармерите да ги спроведуваат препорачаните биосигурносни мерки бидејќи тие се најдобра заштита од болеста. Се препорачува луѓето што патуваат во странство да не носат со себе храна од животинско потекло, особено производи од свинско месо, затоа што тоа е најлесниот начин да се донесе болеста од некоја друга земја кај нас.
Лани во Агенцијата биле пријавени три настани за труење со храна при што биле инволвирани 19 лица, но не било хоспитализирано ниту едно од нив.
„Ако споредиме со 2017-та кога сме имале 10 евидентирани настани со инволвирани 412 лица,од кои 21 лице завршило на болничко лекување,во 2018 сме имале 9 настани во кои биле инволвирани 178 лица од кои 35 завршиле во болница“, рече Атанасов.
Во светски рамки, годишно се евидентираат околу 600 милиони настани поврзани со труење со храна, а од нив 430 илјади завршуваат со смртен исход, и затоа може да се каже дека интегрираниот систем за безбедност на храна во земјава функционира, вели Атанасов. Престанува вакцинацијата против беснило кај дивите животни и против јазлеста кожа кај говедата, но затоа ќе се следи состојбата и ќе се врши мониторирање на фармите. Досега се микрочипирани над 71 илјада миленичиња, преостанатите микрочипови ќе ги добијат општините, а со законот за благосостојба на животните ќе се зголемат ингеренциите на комуналните иснпектпори во оваа област, појаснува Атанасов.
Свето Николовски
