ДИК се прогласи за ненадлежна да решава по барањето на министерот Чулев

14.01.2020 14:14

ДИК се прогласи за ненадлежна да решава по барањето на министерот Чулев. Едногласно е одбиено. Одлуката е конечна. Техничкиот министер за внатрешни побара мислење во однос на назначувањето на началник на СВР- Скопје за што дополнителниот заменик- министер Петровска не стави потпис на решението...

Решението за назначување на раководна позиција од министерот за внатрешни работи не претставува акт или документ кој се однесува на правни, финансиски или кадровски прашања поврзани со организација на изборите, пресече Државната изборна комисија.Членовите едногласни за овој заклучок укажувајќи дека не се надлежни да одлучуваат по барањето за мислење од министерот за внатрешни работи Наќе Чулев за одлуката за именувањето на Ристо Ставревски за шеф на СВР- Скопје, која не беше потпишана од дополнителната заменик- министерка во МВР, Славјанка Петровска. Согласно Законот за Влада, за одлуките на сите министри и нивните дополнителни заменици во техничката влада се потребни два потписа, односно тие имаат врзани потписи.

Од ДИК укажаа тие не можат да оценуваат поединечен правен акт, ниту пак  да навлегуваат во содржината и формата на актот кој што е донесен од техничкиот министер на министер за внатрешни работи кој што според нив има изворна надлежност да именува најмногу до 15 раководни позиции во МВР, а на хоризонтално ниво да распоредува до 10 насто од вработените во полициските структури.  

Одлуката на ДИК е конечна. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека се конзистентни во ставовите и не ги менуваат. Генералниот секретар Јанушев очекува министерот Чулев да остане на првичниот предлог за нов началник на СВР- Скопје. Ставревски е професионалец, за него не се води кривична постапка ниту пак сторил кривично дело. СДСМ со опструкциите се обидува да ја закочи работата на техничкиот министер, потенцира Јанушев.

 

Игор Панов