Дебата

Измени на законот за чист стандардизиран јазик

15.01.2020 13:27

Јавна расправа за предлогот за изменување и дополнување на Законот за употреба на македонскиот јазик. Според претседателот на Советот, Људмил Спасов, фактички се работи за нов закон, бидејќи поинаку и суштински ја разгледува употребата на македонскиот стандарден јазик во нашата држава и надвор од неа. Се бара отворање нови лекторати во странство и создавање електронски корпус на сите научни истражувања за македонскиот јазик. Потребно е и формирање Инспекторат, како посебна институција во рамките на Министерството за култура...

Задолжително вработување на лектори во сите институции е новината за која се залага експертската јавност, а за што властите ветуваат финансиски средства. Мора да се почитува современиот македонски јазик од секого, велат, бидејќи тоа е огледалото на државата. На универзитетите да се воведе изучување на македонскиот јазик задолжително, барем два семестрa. Тоа ќе го намали лошото изразување, сметаат универзитетските професори.

Потребно е воспоставување и тело за стандардизација на македонскиот јазик, посочува директорката на Институтот, Јованова- Грујовска.

Од Советот со став- пред интегрaцијата во Европската унија мора да настапиме со стабилен, чист стандардизиран македонски јазик. Тој е всушност нишката што ги обединува сите граѓани, вели првиот човек на Советот, професор Спасов.

Спасов посочи дека донесувањето на измените на овој Закон не се коси со Законот за употребата на албанскиот јазик, туку напротив тие се надополнуваат. Од експертската јавност очекуваат со посебен член да се воведе приемен испит за правилен говор особено за јавните личности, медиумите, пи- ар организациите и пошироката јавност.

 

Фиљана Кока