Свет

Украинскиот авион соборен со две ирански ракети

15.01.2020 13:30

Иранските власти уапсиле едно лице кое го снимило соборувањето на украинскиот „Боинг 737“. Се соочува со обвиненија за загрозување на националната безбедност. Објавени нови снимки од уривањето на леталото. „Њујорк тајмс“ тврди дека авионот го погодиле две ракети, во временски интервал од 20 секунди. Ајатолахот Хамнеи повика на национално единство во Иран...

Американскиот весник „Њујорк тајмс“ објави видео на кое се гледа дека украинскиот авион бил соборен со две ракети истрелани во рок од 30 секунди од страна иранските воени сили. Американскиот весник тврди дека снимката е објавена од анонимен корисник на социјалните мрежи.

Иранските власти признаа дека војската го соборила авионот по грешка, по што почнаа истрага за инцидентот.

„Ненамерното соборување на украинскиот авион беше нешто што ни го наметна непријателот. Вината е негова. Кога сте во војна двете страни напаѓаат. Ние бевме подготвени за напад и бевме подготвени да не нападнат“, изјави генерал Амир Али Хаџизадех.

Техеран соопшти дека го уапсиле лицето кое го направило видеото од падот на авион кое се соочува со обвинение поврзано со националната безбедност. Иранскиот новинар кој живее во Лондон и прв го објави видеото на социјалните мрежи тврди дека властите во Иран уапсиле погрешен човек и дека тој што го снимил видеото и му го дал нему за објавување е безбеден.

Украинските власти побараа од Иран да му ги предаде на Киев црните кутии од соборениот авион, кои ќе бидат декодирани од тим меѓународни експерти.

Безбедносните служби соопштија дека се очекува истакнат ирански истражител да ја посети Украина кој треба да процени дали украинската лабораторија е адекватна за декодирање на црните кутии.

Во „Боингот 737“ загинаа сите 176 патници и членови на екипажот.

Иранскиот претседател, Хасан Рохани за првпат по ескалација на тензиите со САД ѝ се закани на Европа предупредувајќи дека европските војници распоредени на Блискиот исток би можеле да бидат во опасност.

„Денеска во опасност е американскиот војник, тоа би можел да биде европскиот војник. Да ја поправиме безбедноста. Не сакаме небезбеден свет. Сакаме мудро да и пристапиме на ситуацијата. Тоа е за ваше добро“, изјави иранскиот претседател, Хасан Рохани.

Три европски земји кои потпишаа Меѓународен договор за нуклеарната програма, Франција, Велика Британија и Германија почнаа механизам на решавање на спорот предвиден со договорот за да го принудат Техеран да ги испочитува своите обврски. Израелскиот премиер, Нетанјаху побара итни меѓународни санкции за Иран. 

 

Марина Ристова