Пендаровски- Вархеји: Остануваме посветени на европската агенда
Актуелните состојби како и аспирациите на земјата за членство во Европската унија- теми на разговор на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со комесарот за соседска политика и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји...

Претседателот Пендаровски, денеска го прими евркомесарот за соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархеји. Двајцата соговорници разменија мислења и информации за актуелните состојби во Република Северна Македонија, како и за аспирациите на земјата за членство во Европската унија.
Претседателот Пендаровски, како што соопштуваат од претседателскиот кабинет, истакна дека европската и евроатлантската интеграција останува стратешка цел за нашата држава. Во очекување на скорешното финализирање на членството во НАТО, посочи претседателот Пендаровски на средбата, фокусот на државата е насочен кон перспективата за отворање на пристапните преговори за членство во ЕУ.
Северна Македонија останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има национален консензус меѓу политичките чинители и висока поддршка од граѓаните, истакна Пендаровски.
Претседателот изрази надеж дека до март годинава ќе биде дефинирана новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори меѓу земјите членки на ЕУ.
