Земјоделство

Тече огласот за закуп на државно земјоделско земјиште

16.01.2020 10:12

Тече огласот за закуп на државно земјоделско земјиште во шест општини во земјава. Понудените површини се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а изборот на закупувачите ќе биде по пат на бодување.

Површината за која што може еден земјоделец да достави понуда е со големина  до 3 хектари во катастарските општини на Кавадарци, Росоман, Неготино, Ресен, Струга и Струмица.

Парцелите се наменети за одгледување на долгогодишни насади, а идните корисници во зависност од културата која ќе ја одгледуваат ќе ги добијат за користење во период од 30 до 70 години.

Право на учество имаат домашни физички и правни и странски правни лица. Правните лица мораат да достават бизнис план, а физичките програма за користење на земјиштето.

Почетната цена на закупот се движи од 4.612 до 7.680 денари по хектар.

Доколку закупецот е физичко лице е на возраст до 40 години или земјиштето го добие трговско друштво со управител или извршен директор на возраст до 40 години, обврската за плаќање на закупнината почнува по три години од склучувањето на договорот за закуп.

Изборот ќе се врши со бодување. Најголем број бодови, односно 65, добива месното население.

Последниот ден за поднесување пријави за учество на јавниот повик е 22 јануари 2020 година.

 

Методија Трајков