Шкријељ: Сите права ќе се исплаќаат редовно

16.01.2020 13:50

Тоа што ресорот има нова министерка и нова заменичка нема на никој начин да влијае и негативно да се одрази врз сите реформски процеси кои веќе се почнати во министерството, рече Шкријељ.

Дополнителната заменик- министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ изјави дека нема да се дозволи граѓаните да бидат жртви на меѓупартиските несогласувања во овој период. Тоа што ресорот има нова министерка и нова заменичка нема на никој начин да влијае и негативно да се одрази врз сите реформски процеси кои веќе се почнати во министерството, рече Шкријељ.

„И понатаму ќе продолжи исплатата на социјалната помош и другите права којшто ги следуваат согласно законите за социјална и детска заштита и за социјална сигурност на постарите лица. Социјалната реформа којашто е една од најуспешните политики на оваа Влада дава одлични резултати 27.000 семејства земаат во просек за 300 % повисока социјална помош, детски додаток земаат 27.000 деца, образовен над 8.000 деца право на социјална пензија досега имаа остварено 4.171 возрасно лице. Никој нема да им ги ускрати овие права на граѓаните, ниту смее да ги користи за предизборни манипулации“, рече Шкријељ.

Шкријељ исто така ги повика стечајните работници од утре да се пријавуваат во Центрите за вработување за да го остварат правото на месечен надоместок до пензионирање, затоа што Собранието на Република Северна Македонија ги изгласа и последните законски измени.