Пораката на Вархеји ги раздвижи партиите
Ќе го послушаат ли партиите еврокомесарот Вархеји да ги надминат разликите и да го изгласаат Законот за јавно обвинителство. Власта вели дека опозицијата нема слух за соработка. Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека се подготвени за дијалог. Спикерот Џафери апелира за дијалог...

Ќе го послушаат ли партиите еврокомесарот Вархеји да ги надминат разликите и да си ги засукаат ракавите за да го изгласаат Законот за јавно обвинителство. Особено што сега тој е меѓу клучните предуслови за шансата в мај годинава да добиеме датум за почеток на преговорите. Одново се пред предизвикот, но се чини пак секој на својата позиција.
Опозиционерите велат, му стојат на располагање на парламентарното мнозинство за конструктвини преговори каде би ги дале нивните предлози, но во духот на стандардите на Венецијанската комисија.
Мнозинството го вперува прстот во опозицијата- не е подготвена, велат за компромиси, ниту, пак имаат слух за тоа. Оттаму велат, опозицијата купува време да го менаџира сето она што се случува со предметите од СЈО и заговара на чело на обвинителството партиско- политичка фигура.
Првиот меѓу еднаквите, спикерот уверува дека Собранието е во постојано заседавање. Пораката е повеќе од јасна дека партиите треба да излезат од рововите и да си ги приближат ставовите. Очигледно е, вели Џафери, дека прашањето е издигнато на лидерско ниво и затоа и на еврокомесарот му предочил дека до 12-ти февруари може да се изгласа Законот само доколку се усогласат ставовите.
Од ресорното министерство потсетуваат, Законот е пуштен во Собранието и дека би биле среќни доколку пратениците се надминат себе си.
„Пораката од еврокомесарот е јасна и ние очекуваме и сакаме пратениците да најдат сила и да гласаат мотивирани од европската иднина на државата, а не мотивирани од личните интереси на оние кои сакаат да избегаат од лицето на правдата. Ова прашање е тест за патриотизам“, велат од Министерството за правда за МТВ.
Преговорите меѓу власта и опозицијата траат повеќе од пет месеци за донесување на Законот, но беа безуспешни.
Фиљана Кока
