Пендаровски: 2020-та има предиспозиции да биде мошне значајна за нас и за регионот
Фер избори, брзо фомирање на Влада и зелено светло за почеток на преговорите со Европската унија, очекува претседателот Пендаровски годинава. Во обраќањето на приемот за дипломатскиот кор во земјава, шефот на државата истакна дека 2020-та има предиспозиции да биде мошне значајна за нас и за регионот...
Од преодната влада очекувам изборите да ги организира во фер и демократска атмосфера, а од партиите очекувам одговорно однесување, истакна претседателот Пендаровски на годишниот прием за дипломатскиот кор во земјава. Тој се надева дека Владата ќе се фомира за кусо време по изборите и дека новата власт ќе остане посветена на како што вели- нашите надворешно политички приоритети, НАТО и Европската унија. Од Брисел пак, Пендаровски се надева на зелено светло за старт на преговорите.
„Независно од резултатот на изборите, очекувам и во рамки на моите надлежности ќе настојувам, Северна Македонија да продолжи по патот на добрососедството. Со Преспанскиот договор со Грција и Договорот со Бугарија отворивме простор за да затвориме тешки прашања од минатото и да понудиме сериозен влог во нашата заедничка иднина како пријатели. Убеден сум дека успешната мултилатерална соработка во НАТО и во Европската Унија ќе биде уште поуспешна со добра билатерална соработка, пред сѐ, со најблиските, со соседите, се разбира, врз основа на меѓународното право и добрата волја од двете страни за коректно читање и взаемно почитување на договореното“, нагласи претседателот Пендаровски.
Очекувањата на граѓаните на оваа земја беа големи, а со тоа и одговорноста на владата да ги исполни, рече српската амбасадорка во земјава, Томиќ.
„Две работи што беа во фокусот на владата беа компромисите постигнати со Грција и со Бугарија. Овие компромиси не беа лесни и бараа тешки одлуки, но ѝ овозможија на земјата да се прдвижи во евроатлантскиот интегративен процес како главен приоритет. Од друга страна, не можеше да се одбегне чувствителниот ефект врз националниот сентимент на граѓаните“, истакна амбасадорката Томиќ.
Пендаровски изрази очекување дека 2020- та има предиспозиции да биде мошне значајна година, како за нас така и за регионот.
Марија Котовска
