Скулпторот Славчо Спировски со нова изложба пред њујоршката публика

17.01.2020 11:12

Во пријатна атмосфера, многубројната публика составена од познавачи на уметноста, љубопитници, но и нашинци од овој дел на Соединетите американски држави, го поздрави стартот на второто претставување на Спировски пред американската публика.

Синоќа во Галеријата на Македонскиот центар во Њујорк беше отворена самостојната изложба на еминентниот македонски скулптор Славчо Спировски, насловена „Аголност на илузијата на пакетирањето“.

Во пријатна атмосфера, многубројната публика составена од познавачи на уметноста, љубопитници, но и нашинци од овој дел на Соединетите американски држави, го поздрави стартот на второто претставување на Спировски пред американската публика.

„Станува збор за концептуално дело, односно просторна подно- ѕидна инсталација во галерискиот простор. Оваа просторна сензација е промислена и подготвена специјално имајќи го предвид просторот на Ем Си Галеријата. Концептот базира врз еден подолг континуитет во мојата работа, а се сведува на користење на основните елементи што ја чинат скулптурата во нејзината основа: постамент, дело, простор, како и можноста за препрочитување на сопствените остварувања, барајќи при тоа нови можни состојби и позиции на гледање и промислување. Во случајов, се работи за преобликување на концептот за суштината на скулптурата како илузија за тридимензионалност во обид преку дведимензионалниот приказ да се мисли и чувствува како тридимензионално присуство“- појасни Спировски за својот најнов креативен предизвик пред микрофонот на Македонското радио.

Изненадување на свеченото отворање на изложбата беше и настапот и поддршката од македонскиот пијанист од светски глас Симон Трпчески, чија соработка во „испреплетувањето на уметностите“ со Спировски датира уште од пред повеќе од 12 години, создавајќи голем број заеднички креации во тој период.

Инаку, изложбата на Славчо Спировски, реализирана со поддршка од македонското Министерство за култура, во галеријата лоцирана на Менхетен ќе биде отворена до 25-ти јануари.