Евроинтеграции

Преговори со Северна Македонија и Албанија во мај

17.01.2020 12:32

Со решавањето на спорот за името, Северна Македонија направи неверојатен чекор напред, оценка на германската канцеларка. Од Берлин поддршка за Скопје и Тирана. Според Меркел, Северна Македонија и Албанија заслужуваат да ги почнат преговорите со ЕУ, но на тој пат обете земји можат да се движат по различни шини во зависност од успесите...

Актуелниот и идниот претседавач со ЕУ, Германија и Хрватска се надеваат дека новата методологија за преговори ќе биде усвоена во март, за да се почнат преговори со Северна Македонија и Албанија на Самитот во Загреб во мај. Германската канцеларка Меркел по средбата со хрватскиот премиер Пленковиќ во Берлин, изјави дека со почетокот на преговорите со Скопје и Тирана ќе се испрати важен сигнал.

Сметам дека Албанија и Северна Македонија припаѓаат на истата група. Ги имаме Србија и Црна Гора, Северна Македонија и Албанија, и конечно ги имаме Босна и Херцеговина и Косово- каде имаме една поинаква ситуација. Затоа сметам дека доколку сме фер, обете земји треба да почнат преговори. Самитот ЕУ- Западен Балкан кој ќе се одржи во Загреб е важен настан и доколку се отворат преговори со Скопје и Тирана тоа ќе биде важен сигнал. Германија е подготвена на тоа. Тоа му го кажавме и на претседавачот Хрватска. Сакаме заеднички да го исполниме тоа“, нагласи канцеларката Меркел.

Загребскиот самит мора да има политички карактер и да одреди динамика за пристапување на Северна Македонија и Албанија, оцени хрватскиот премиер Пленковиќ.

За нас е особено важно да ѝ дадеме на Европската унија одговорност за земјите од нашето соседство, државите од југоистокот на Европа. Затоа одлучивме Самитот во Загреб на 6-ти и 7-ти мај да биде самит кој ќе даде реална перспектива на идните односи во деценијата што е пред нас, да има политички карактер кој овие земји со освежена методологија на преговарачкиот процес, постепено ќе ги подготвува за приклучување на начин со кој точно ќе се знаат динамиката и критериумите за приближување кон Унијата“, рече хрватскиот премиер Пленковиќ.

Шефовите на влади на Германија и Хрватска се согласиле дека Северна Македонија и Албанија  треба заедно да почнат преговори, а потоа треба да одат по одвоени патишта и поединечно да се оценуваат  согласно постигнувањата.

Ирина Гелевска