Здравство

Засега нема јавно- приватно партнерство за брзата помош

20.01.2020 12:27

Министерството за здравство чека резултати од студиите за да донесе одлука дали ќе се продолжи со проектот јавно- приватно партнерство за брзата помош. Првиот човек на ресорот Филипче вели дека сега не е време за вакви суштински промени. Од денеска, во функција се ставени нови 13 амбулантни возила за службата за домашна посета и за патронажа. По градовите ќе се дистрибуираат уште 63, донација од Кина...

Министерот за здравство сѐ уште ги чека резултатите од физбилити студиите за јавно- приватно партнерство за Службата за итна медицинска помош. Во овој проект гледаа решенија на проблемите со кои се соочува службата, во делот на кадарот и инфраструктурата. Дали Филипче сега се откажува од проектот, останува нејасно. Тој вели дека сега не е период во кој треба да се прават значајни суштински промени, бидејќи процесот е комплексен.

„Тоа се процеси кои треба да се разгледаат дали и во кој сегмент во нашето здравство треба да се имплементираат. Мора да потсетам дека ние имаме здравствен систем во кој тој систем на јавно- приватно партнерство и концесионерство одлично функционира со години наназад во сверата на примарното здравство. Во некоја форма и во аптеките. Така да верувам дека тие студии ќе покажат кој е следниот чекор и дали на почетокот ќе биде дали ќе биде некој во кој што треба да се развива ова“, изјави министерот за здравство, Венко Филипче.

Службите за домашна посета и патронажа добиваат 13 нови возила. Две се донација од Чешка наменети за итната помош.

„Ќе бидат ставени во Службите за итна медицинска помош. А останатите возила ќе бидат прераспределени по поликлиниките таму каде што има најголема потреба. Во некои поликлиники како што е Ѓорче Петров, Ченто, некои возила воопшто не се во функција, а и тие што се во функција се стари по 20 години“, изјави Виктор Исјановски, директор на Здравствен дом – Скопје.

Жителите на населбите Драчево и Ченто подолог период немаат брза помош. Таму пунктовите не функционираат, бидејќи нема возила и кадар. Министерот Филипче најави надминување на проблемот со донацијата на 63 амбулантни возила од Кина. Очекува да се отворат и дополнителни нови пунктови во Петровец и во Чучер Сандево.

Во главниот град, брза помош има само во три поликлиники, бројот на екипи не е доволен, а дополнителен проблем создава сообраќајниот метеж.

 

Андријана Атанасовска