Брисел

Либија- тема и на Советот на министрите за надворешни работи

20.01.2020 13:08

Прекинот на огнот во Либија главна тема на состанокот на шефовите на европските дипломатии во Брисел. Берлинскиот самит за решение на конфликтот резултираше со договор за почитување на ембаргото за оружје и за прекин на мешањето на странските играчи...

Оптимисти, но со резерва. Ова е ставот на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Европската Унија во однос на заклучоците од Берлинскиот самит за примирје во Либија. Задоволни се од германската иницијатива за организирање на меѓународниот состанок кој, според нив, е голем исчекор кон постигнување на конечен прекин на конфликтот во кој има стотици жртви.

„Важни се неколку работи: примирјето да биде трајно, ембаргото за оружје одржливо и почитувано од сите, и странското мешање во кризата да биде запрено. Премногу надворешни играчи се мешаат и го попречуваат процесот за решавање на кризата. Последно, но не помалку важно, е да се поттикне директниот дијалог меѓу засегнатите страни за да се постигне политичко решение“, изјави Богдан Ауреску, министер за надворешни работи на Романија.

„Европа може да има конструктивна улога. Тешко е да се биде оптимист за Либија, но ова е најдобриот обид досега“, речепека Хависто, министер за надворешни работи на Финска.

Постигната е и согласност за почитување на меѓународниот хуманитарен закон и законот за човекови права, и постепено затворање на центрите за притвор на мигранти и баратели на азил. Во Либија се очекува и  заштита и враќање на интегритетот на либиските институции, како и на нафтената инфраструктура.

Главните точки кои беа договорени во Берлин ќе бидат сумирани во резолуција на Советот за безбедност на ОН. Натамошните разговори меѓу двете влади во  Либија ќе се одвиваат преку пет воени претставници кои беа именувани од премиерот Сараџ кој раководи со меѓународно признатаиот кабинет во Триполи, и од неговиот ривал, генерал Хафтар кој го контролира истокот на земјата. Во наредните неколку денови ќе се одржи средба во Женева.

 

Маја С. Филдишев