Кривичен суд

Одложено рочиштето за „ТНТ“- Трајковски е на боледување

20.01.2020 14:33

Судењето за случајот „ТНТ“ се одложи. Обвинетиот Тони Трајковски не дојде на рочиштето. Докторката Викторија Вујовиќ, која му издала боледување, во судницата образложи зошто тој не може да присуствува на рочиштата. Судењето продолжува за 15-тина дена. За тоа, дали ќе бараат доказите повторно да бидат изведени, адвокатот на Трајковски рече дека ќе ја почитува одлуката на неговиот клиент...

Судењето за случајот „ТНТ“ се одложи. Поради боледување на рочиштето не се појави обвинетиот Тони Трајковски. Докторката Викторија Вујовиќ во судница образложи зошто тој не може да присуствува. За време на нејзиниот исказ, судот ја исклучи јавноста бидејќи станувало збор за зачувување на приватноста на пациентот. Адвокатот на Трајковски изјави дека неговата здравствена состојба била сериозна, но минлива. За тоа дали ќе бараат доказите повторно да бидат изведени, рече дека ќе ја почитува одлуката на неговиот клиент.

„Докторката дојде и на затворена седница, ја кажа причината и ја образложи дијагнозата. Кажа дека е од времен карактер и се надева на подобрување на состојбата во текот на следните 10-15 дена“, изјави адвокатот Јовица Страшевски.

Судијата Огнен Ставрев рече дека обвинетиот Трајковски мора да користи боледување од дванаесетина дена, по што закажа рочиште за 6-ти февруари. Првото рочиште за случајот „ТНТ“ се одржа на 24-ти јануари 2018-та, но, поради истекот на мандатот на еден од членовите на судечкиот совет процесот е вратен од почеток.

Во предметот за уривањето на комплексот „Космос“- обвинети се повеќемина, меѓу кои екс- министерот Јанакиески, тогашниот градоначалник на Гази Баба, Трајковски и поранешниот премиер Груевски на кого му се суди во отсуство.

 

Наташа Гркова- Петрушевска