МВР ја гарантира безбедноста на граѓаните

20.01.2020 14:54

Најголем дел од несогласувањата со техничкиот министер Чулев се надминати, но кривичната останува, изјави дополнителната министерка за внатрешни работи Славјанка Петровска. Вели, ќе се спротивставиме на секој обид за паралелни структури во МВР. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак, бара одговори за десетиците нерасчистени престрелки и убиства кои се случија, кога со МВР раководеше актуелниот премиер Спасовски...

Министерството за внатрешни работи ја гарантира безбедноста на граѓаните. Ресорот ќе даде значаен придонес за организирање фер и демократски избори, тврди дополнителната заменичка- министерка. Славјанка Петровска предупреди дека ќе се спротивстави на секој обид за правење паралелни структури во МВР, иако признава оти односите со министерот Чулев и се коректни. Сепак, нема да ја повлече поднесената кривична пријава против него.

Во интерес на граѓаните сум подготвена на соработка, но исто така во нивен интерес сум подготвена на решително спротиставување на секој обид на создавање паралелни структури и рушење на принципот на хиерархија и погазување на законите. Нашето одговорно однесување ќе биде најдобриот мотив граѓаните да учествуваат во демократскиот изборен процес и заедно да придонесеме за зголемување на довербата за непречено функционирање на системот“, изјави Петровска.

И додека Петровска тврди дека се нормализира состојбата во државата како резултат на реформските процеси, опозициската ВМРО-ДПМНЕ бара одговори за десетиците нерасчистени престрелки и убиства кои се случија кога со МВР раководеше актуелниот премиер Спасовски. Од партијата велат дека во изминативе три години, криминалците и подземјето имале заштита, но тоа време, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ е завршено откако на чело на ресорот застана Наќе Чулев.

Марина Стојанова- Тонева