Во Охрид одбележан Денот на рибарите
Охриѓани и денеска ја продолжија традицијата на своите предци. Верскиот празник Свети Јован Крстител кој во Охрид се слави и како Ден на рибарите беше одбележан со капење во езерото. На градскиот плоштад во голем казан беше приготвена тон и половина рибна чорба, а покрај во нејзиниот вкус, гостите и домаќините уживаа во греаната ракија, виното и убавата песна.
Одбележувањето на празникот Свети Јован Крстител како Ден на рибарите во Охрид продолжи и денеска. Оваа традиција започнала кон средината на минатиот век, во тогашниот политички систем кога било забранувано положувањето на чесниот крст во езерските води на Водици. Поради тоа верниците тој ритуал го изведувале следниот ден.
Нивните потомци и денеска запливаа во езерото, што беше посебна атракција за гостите кои не можеа да му одолеат на вкусот на рибната чорба од лосос која ја приготвија професорите и учениците од Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.
„1.500 литри е вкупно, 5.000 порции очекуваме да се поделат, а рецептот веќе го знаеме: 400 кг риба, 100 литри масло, 40 кг брашно, целер, пашканат, моркови и зачини“, изјави Блаже Јорданоски- професор во Средното угостителско училиште „Ванчо Питошески“.
Охриѓани и гостите покрај во вкусот на рибната чорба уживаа во добрата капка вино и греана ракија, а за доброто расположение придонесе убавата охридска староградска и македонска песна. Дел од нив упатија апел за поголема грижа за рибниот фонд на охридската пастрмка
Покрај на градскиот плоштад весело беше во рестораните и кафулињата долж крајбрежјето, кои беа исполнети со домашни и странски гости.
Сашо Нелоски
