Иновации

Македонски софтвер за глобалниот пазар

20.01.2020 15:18

Половина од вкупната финансиска поддршка преку Фондот за иновации завршила кај компаниите од ИТ секторот, а максималниот износ достигнува 320 илјади евра за компанија. За годинава е најавена поддршка од 22,5 милиони евра. Охрабрува тоа што почнува повратот на вложените средства кај овие фирми...

Половина од вкупниот износ на финансиска поддршка преку Фондот за иновации лани завршил кај компаниите од ИТ секторот. Примерот на компанијата ,,Докстим“ која преку Фондот го реализира проектот ,,Микротика“ во кој се вложени вкупно околу 800 илјади евра,од што Фондот помогнал со 320 илјади, покажува дека реалтивно брзо и со посветена работа на осумдесеттина вработени се доаѓа до финален продукт и поврат на вложените средства.Креираниот софтвер во Скопје го олеснува процесот на автоматизација ,го прави поефикасен и е наменет за глобалниот пазар,а први корисници се две компании ,од Швајцарија и од Шведска.

„Една година работиме на развојот на овој софтвер, тој е реалност и веќе може да се користи.Во суштина оваа година за нас е клучна, како за нашиот тим истотака и за поддршката од Фондот за иновации.Ова е моментот каде што ќе треба да го продаваме нашиот софтвер и да го маркетираме.Очекуваме ова да биде успешна приказна од нашата земја“, изјави Раде Десподовски, директор за развој во „Докстим“.

Во техничкиот дел, во развивање на софтверот работат 10 лица,а другите се ангажирани во маркетинг одделот и во продажбата. Засега на домашниот пазар на труд го наоѓаат потребниот кадар, но од „Докстим“ велат дека конкуренцијата е голема. Државата веќе вложува во обука и преквалификација на млади за дигитални вештини.

„Тоа не е обука за за примарно знаење за компјутери туку обука за вештини што се потребни на домашната ИТ индустрија.Тоа се скапи обуки и притоа младите по завршената обука ќе можат да влезат директно во производство во компаниите“, изјави Мила Царовска- вицепремиер за економски прашања.

„Анализите покажуваат дека лани компаниите што биле поддржани преку Фондот растат приходите за 50%,добивката за 60%, бројот на вработени за 27%, а платите за 40 насто“, рече Јован Деспотовски, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.

За 2020-та од Фондот за иновации и технолошки развој е најавена поддршка на иновативни проекти во вкупен износ од 22,5 милиони евра.

Свето Николовски