Политика

Разговори за Законот за јавно обвинителство

20.01.2020 15:31

Лидерот на СДСМ почна разговори за обезбедување двотретинско мнозинство за Законот за јавно обвинителство. Заев со повик до опозицонерите да го олеснат процесот. Експерти на ВМРО-ДПМНЕ го разгледуваат предлогот. Тимови од партиите утре на средба...

Лидерска за приближување на ставовите на двете најголеми партии за новиот Закон за јавното обвинителство не е закажана. Претставниците на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Маричиќ и Тимчо Мицунски ќе имаат средба за да ја утврдат рамката и динамиката за дијалог. Лидерот на СДСМ, Заев веќе почнал разговори за обезбедување двотретинско мнозинство во Собранието за законот, задача која Брисел очекува да ја сработи актуелниот парламентарен состав.

Првиот човек на партијата ја повика ВМРО-ДПМНЕ да се приклучи и да го олесни процесот. Ќе разговара и со 8-те независни. Заев е оптимист дека решението може да помине пред распуштањето на Законодавниот дом што треба да се случи на 12-ти февруари. Повика на одговорно однесување, бидејќи земјава очекува да добие датум за почеток на преговори со Европската Унија и ова би било дополнителен аргумент за тоа да се случи.

„Ние сме подотвени да одиме сѐ дотаму додека е дозволено согласно нашиот праводусен систем и рамката што ја носи ЕУ, а тоа значи политичарите да не бираат обвинители, тоа значи дека не смееме да дозволиме одредени критериуми заради желба на политички партии дали се од власта или од опозиција да ги надминат црвените линии дозволени со европската регулатива. Овие законски решенија се дел од пакетот судски реформи, но и на она што значи адаптирање на Република Северна Македонија со европската регулатива во областа на правосудството“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.

ВМРО-ДПМНЕ не ја исклучуваат можноста да се дојде до договор за законот, но според партијата, услов за тоа е да има отстапки од власта. Оттаму, остануваат на ставот дека пред да се организира лидерска, работните групи треба да ги приближат позициите.

„ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои дека е потребно европски закон, и навистина потребен е, но ајде да направиме европски закон, а не сега пред избори да купува повторно политички поени. Тоа е мое лично мислење, секако и сите тука во партијата истото го мислиме. ВМРО-ДПМНЕ ќе си остане на ставот дека ваков закон како што се предлага дека нема да биде донесен. Не можам да кажувам во името на осумте пратеници што тие ќе договорат со Заев, тоа е сепак нивна работа, но ВМРО-ДПМНЕ и нашите пратеници ќе си останат на политиката што ја води ВМРО-ДПМНЕ, а секако и целото раководство“, изјави Владо Мисајловски, подпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерството за правда појасни дека со третата верзија на предлог-законот, јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ќе ги преземе надлежностите на сјо. Обвинителите на сјо коишто ги застапувале предметите ќе продолжат да ги водат, а во рок од 30 дена од гласањето на законот ќе се прошири и бројот на обвинители. Материјалите од незаконското прислушување ќе се чуваат во јавното обвинителство и по три години од правосилно завршување на постапките ќе бидат уништени.

 

Ирина Гелевска