Украински компании инвестираат и во кризно време

06.03.2014 16:03

Освен на полето на инвестициите, властите од двете земји се надеваат и на поинтензивна економска соработка...

Константиновски го крши мразот за украинските инвестиции во земјава, кои се засега незначителни. Компанијата во чиј фокус е бакарот, најавува дека во земјава ќе инвестира над 100 милиони долари, со потенцијал вкупната инвестиција да достигне и до 200.

„Разгледувавме повеќе опции и држави за нашиот бизнис, но изборот падна на Македонија, бидејќи тука најдовме и почувствувавме најдобра инвестициска и бизнис-клима“, изјави Генадиј Сичов, заменик-претседател на компанијата.

Освен на полето на инвестициите, властите од двете земји се надеваат и на поинтензивна економска соработка. Ако се има предвид дека лани размената изнесувала 115 милиони долари, со трговски дефицит од 70 милиони на македонска страна, тогаш е јасно дека работите треба да се менуваат. И покрај договорот за слободна трговија, Украина се чини се уште далечна за македонските компании.

„Македонските компании се уште не се доволно претставени на нашиот пазар. Тука е Алкалоид, кој многу успешно се развива на украинскиот пазар, на нашиот пазар е познат и Гранит, и неколку други помали компании“, вели Јуриј Гончарук, амбасадор на Украина во Македонија.

Речиси 80 процени од македонскиот извоз во Украина отпаѓа на феросилициумот. Во фокусот на домашните бизнисмени кои работат со оваа земја е тамошната криза. Будно се следат сите случувања.  

„Испораката е прекината, договорите се ставени во мирување и се очекува дека состојбата ќе се нормализира откако ќе заврши кризата“, изјави Билјана Пеева- Ѓуриќ од Стопанска комора на Македонија.

Украина во вкупната трговија на земјава со странство учествува со нешто повеќе од 1 процент, додека инвестициите од оваа земја во Македонија се занемaрливи. Токму затоа, на компанијата Константиновски, која планира да вработи 500 луѓе, се гледа како на партнер кој може да ги помрдне работите од мртва точка.                            


Мартин Пушевски