17,2 милиони евра за рурален развој
Вкупно 17,2 милиони евра годинава ќе можат да се искористат за руралниот развој. Младите земјоделци за основање на сопствен бизнис ќе добијат двојно поголеми субвенции, односно по 20.000 евра. Финансиска поддршка е предвидена и за жените носители на земјоделско стопанство...

Годинава младите земјоделци кои ќе почнат сопствен бизнис ќе имаа право на двојно поголема финансиска поддршка. Наместо досегашните 10.000, им следуваат по 20.000 евра за корисник. Се укинува и условот да бидат евидентирани најмалку 18 месеци во Единствениот регистар, со што се отвора можност поголем број млади луѓе да ги искористат субвенциите.
Во програмата за рурален развој за набавката на добиток е предвидена вкупна сума од 120 милиони, за трактори 9,9, за подигнување нови насади 22 и 7 милиони денари за бунари и за системите капка по капка.
За инвестиции во преработка и маркетинг на земјоделските производи, се предвидени 11 милиони денари.
Корисници се мали, микро, средни претпријатија и земјоделски задруги кои имаат склучено договори со платежната агенција за користење на ИПАРД средствата. Висината на поддршката е 100 проценти од инвестицијата во форма на предфинансирање, а средствата треба да се вратат на 8 годишни рати.
За реализација на мерките од програмата за рурален развој, платежната агенција објавува јавни повици, а еден барател може да користи пари најмногу од две мерки.
Методија Трајков
