Бектеши: Можност за едностран раскин на концесијата
Министерството за економија ги претстави измените на Законот за минерални суровини. Се отвара можност за едностран раскин на договорот за концесија во случај кога е загрозена безбедноста и здравјето на локалното население...
Ќе има еднострано раскинување на договорот за концесија ако се загрозува здравјето на граѓаните и експлоатацијата на минералните суровини е спротивна на јавниот интерес- Министерството за економија подготви нов закон.
„Во случај да се раскине договорот кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението, тогаш концесионерот може да поднесе барање за добивање на нова концесија за експлоатација на друг локалитет и тоа директно за експлоатација и без спроведување на јавен повик“, информираше министерот Бектеши.
Според него, со законските измени исто така основ за едностран раскин на договорот за концесија е и кога концесионерот не го известил Министерството за економија како орган надлежен за вршење на работите од областа на минералните суровини дека има промени во уделите или акциите кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет во друштвото кој е мнозински сопственик кај концесионерот.
Меѓу новините во законот е и можноста на општините да поднесат барање за добивање на концесија за експлоатација за потребите за изградба на општински пат, по утврдената постапка за изградба на државни патишта.
