Израел

Пендаровски- Ривлин: Одлична соработка на билатерален и мултилатерален план

22.01.2020 11:04

Претседателот Стево Пендаровски денеска во Ерусалим оствари билатерална средба со израелскиот колега, Реувен Ривлин. Констатирана одлична соработка меѓу двете земји...

Одлична соработка меѓу Северна Македонија и Израел на билатерален и мултилатерален план констатирале на денешната средба во Ерусалим претседателите на двете земји, Стево Пендаровски и Реувен Ривлин. Размениле и информации и мислења за состојбите на Балканот и за блискоисточниот регион.

Како што соопштија од претседателскиот кабинет, Пендаровски заблагодарувајќи се за поканата да учествува на лидерскиот форум, истакнал дека Република Северна Македонија покрај укажаната чест има и обврска на највисоко ниво да биде присутна во Израел, на Форумот по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау.

Пендаровски нагласил дека двете држави ја споделуваат трагедијата на Холокаустот во кој беа убиени илјадници Евреи од нашата држава, што претставува ненадоместлива загуба за нас. Претседателот ја посочил улогата на еврејската заедница во Република Северна Македонија изразувајќи уверување дека таа и натаму ќе продолжи да го дава својот активен придонес за севкупниот развој на државата, како и во негувањето на добрите односи меѓу двете земји.

Пендаровски информирал дека од декември 2019 година Република Северна Македонија е асоцијативна членка на Меѓународната алијанса за сеќавање на Холокаустот и ќе се заложи да стане полноправна членка во 2021 година.

Тој се заблагодарил за поддршката што Државата Израел ја дава на Република Северна Македонија во изминатиот период, од стекнувањето на нашата независност, додавајќи дека постојат можности за интензивирање на економската соработка.

Претседателот Пендаровски, денеска и утре во Ерусалим, Израел учествува на лидерски форум по повод Меѓународниот ден за сеќавање на Холокаустот 27 јануари и 75-годишнината од ослободувањето на нацистичкиот логор на смртта Аушвиц-Биркенау.