16,2 милиони евра субвенции за растително производство
Годинава за растителното производство се обезбедени субвенции од 16,2 милиони евра. По 12.000 денари за хектар им следуваат на земјоделците за сите поледелски култури кои ќе употребуваат сертифицирано семе. Другите имаат право на двојно помалку или само по 6.000 денари за хектар.
Производителите на пченица, житни и индустриски култури и сончогледот, доколку употребиле сертифициран семенски материјал ги исполнуваат условите за субвенции од 12.000 денари за хектар за минимум засеана површина од 0,5 хектари.
За површини од 5 до 50 хектари со употребен семенски материјал, на земјоделците им следуваат 14 400 денари за хектар.
За другите кои ќе сеат со обично семе, поддршката изнесува двојно помалку односно 6.000, за сончогледот и афионот 8 000, а за оризот 18 000 денари.
Доколку е засеан на површини од 5 до 50 хектари субвенцијата за оризот се зголемува на 25 односно 30 000 денари.
За поголемите површини финансиската поддршка скалесто се намалува и над 100 хектари ќе се исплаќаат до 30 проценти.
За нивите со големина од 10 до 50 хектари следуваат и дополнителни 5.760 денари. Услов е да се употреби сетрифициран семенски материјал и да се добијат просечни приноси повеќе од 4.000 килограми за пченица, 3.000 за другите житни култури или 1.500 килограми по хектар за сончоглед.
Методија Трајков
