Милошоски: Работните групи за Законот за ЈО ќе имаат средба до крајот на неделава

22.01.2020 12:48

Тој изрази надеж дека на таа средба ќе има размена на аргументи на конструктивен начин...

Договорено е работните групи на власта и на опозицијата за Законот за јавно обвинителство да имаат средба до крајот на неделава, изјави денеска на прес- конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.

„Во текот на вчерашниот ден имаше координативен состанок на два члена од двете групи, од владејачката и онаа на опозицијата за динамиката за Законот за јавно обвинителство, кој како предлог ни беше доставен пред неколку дена. И договорено е да имаме средба на двете работни групи, секоја група со свои забелешки и аргументи, најдоцна до крајот на оваа недела“, нагласи Милошоски.

Тој изрази надеж дека на таа средба ќе има размена на аргументи на конструктивен начин што, како што рече, ќе можат да ги приближат ставовите за еден усогласен, согласно Венецијанските стандарди на комисијата, законски текст кој би можеле да го усвоиме со поширок консензус.