Свет

Корона вирусот мутира

22.01.2020 12:56

Новиот Корона вирус се пренесува од човек на човек и веќе почнал да мутира, соопшти Светската здравствена организација. Според кинеските здравствени власти веќе се потврдени 440 нови случаи на Корона вирусот во 13 провинции, но и девет смртни случаи. Заболени се регистрирани и во Австралија, САД, Јапонија, Јужна Кореја, додека Северна во обид да се заштити ги затвори границите за туристички посети...

Светската здравствена организација на итен состанок за Корона вирусот. Почнал да мутира откако веќе беше утврдено оти се пренесува од човек на човек. Кинеската здравствена комисија соопшти дека се заразени 440 луѓе во 13 провинции, од кои што деветмина веќе починале. Мутацијата на вирусот ги отежнува напорите на здравствените работници да го контролираат.

„Добивме извештаи од 13 провинции, автономни региони и општини за потвредни 440 случаи, девет смртни случаи и три нови. Потврдено е и дека вирусот се пренесува од човек на човек, и дека е инфициран медицински персонал. Заразата се пренесува преку респираторниот тракт и постои можност да мутира. Исто така постои ризик и од натамошно ширење на болеста. Бараме луѓето да избегнуваат јавни собири за да се намали можноста од зараза. Ќе ги преземеме сите неопходни мерки за да се осигураме дека вирусот нема да се прошири“, изјави Ли Бин, заменик директор на Кинеската здравствена комисија.

Според анализите на СЗО, извор на зараза се животните. Првичните анализи укажуваат дека заразените животни биле пронајдени на пазар во Вухан во покраината Хубеи.

Преземаме превентивни мерки. Покрај чистењето на ѓубретосе погриживме и за санитарната работа во маркетите и околните места и ги стерилизиравме клучните точки кои луѓето најчесто ги допираат“, рече Ванг Ксуели, локална заедница во Вухан.

Стравот од епидемија се зголемува, бидејќи милиони Кинези оваа недела ќе патуваат во своите домови за прославата на Нова година. Случаи на заразата се потврдени во Хонконг и во кинескиот специјален административен регион Макао. И Соединетите Американски Држави го потврдија првиот случај на вирусот, кај жител од Вашингтон кој се вратил од патување во Вухан. Северна Кореја воведе привремена забрана за странски туристи, а мобилизирана е и Австралија.

„Досега имавме среќа, но ги засиливме безбедносните мерки. Сите патници што доаѓаат од Вухан целосно се прегледуваат. За сега немаме случај на зараза“, изјави Грег Хант, министер за здравство на Австралија.

Новиот вирус е од групата вируси што предизвикуваат Сарс, болест од која во 2002 и 2003 година починаа 800 луѓе во целиот свет, и која исто така потекна од Кина.

 

Марина Ристова