Нема се оценува уставноста на амнестијата
Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да не покрене постапка за оценување на уставноста и законитоста на Законот за амнестија во целина и посебно за членот 2. Ставовите на уставните судии беа поделени, сепак мнозинството реши дека Собранието има право да дава амнестија за сторени кривични дела. Со тоа не беше поведена постапка по иницијативите на Светскиот Македонски конгрес и на адвокатката Јошевска- Анастасовска...
Уставните судии нема да отворат постапка за законот со кој беа амнестирани учесници во собраниските инциденти од 27-ми април 2017-та година. Отфрлени се иницијативите на претседателот на Светскиот Македонски конгрес, Тодор Петров и на адвокатката Сузана Јошевска, бидејќи Уставен веќе се произнесе претходниот месец кога се разгледуваше барањето на екс-директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков.
Судиите со поделени ставови- за едни амнестијата е неуставна, за други пак, дека е во согласност со начелата на највисокиот правен акт. Уставниот суд не може да се става во улога на Собранието, туку тој одлучува дали Законодавниот дом имал уставно право да го донесе законот и затоа ваквите прашања за правото на давање аменстија се неосновани, рече судијата известител Ајдари.
Според судијата Јован Јосифовски, пак, двете иницијативи треба да се прифатат, бидејќи според него не е спорно дека Собранието дава амнестија, а со членот 2 се префрла правото на одлучување на судот.
Личен став на Претседателот на Уставниот суд Сали Мурати е дека сите правни норми мора да бидат функционални и дека со носењето вакви закони не се зацврстуваат државните темелни вредности.
Игор Панов
