Незадоволство кај увозниците на половни возила
Увозници на половни возила на протест пред Владата- бараат да се намали акцизата и да укине СО2 данокот за автомобилите со Еуро 5 и Еуро 6 стандард. Од Царината одговор- уредбата нема да се менува...
Увозници на половни автомобили на протест против новините кои стапија во сила на 1-ви јануари за пресметка на данок за внесување возила од странство. Додека надлежните уверуваат оти за автомобилите со помали емисии на СО2 ќе се плаќа помалку, увозниците се жалат дека се покачени даноците и за оние кои ги задоволуваат највисоки еколошки стандарди како Еуро 5 и 6, ако имаат над 1.500 кубици.
Увозниците предупредуваат дека доколку не се прифатат нивните барања што ги доставија до Владата, протестите ќе се радикализираат и ќе се блокираат улици и раскрсници. Очекуваат да им се приклучат и купувачите, бидејќи се зголемува и крајната цена.
Надележните со став - уредбата нема да се менува. Директорот на царинската управа, Ѓоко Танасковски вели оти не сите увозници имаат забелешки на измените.
Со новиот закон, возилата со вредност до 10.000 евра се даночат исклучиво само по тоа колку загадуваат, а не како досега, по вредност на возилото. За возила со вредност над 10.000 евра пресметката се врши и по емисијата на СО2 и по вредност на возилата.
Марија Котовска
