Комисија за заразни болести: Нема потреба за активирање на термалните скенери, состојбата не е алармантна
Во земјава нема место за паника и за преземање посебни мерки против Корона вирусот. Комисијата за заразни болести заклучи дека нема потреба за ригорозни мерки за вирусот од кој во Кина досега починаа девет лица. Оттаму велат дека ќе ги запознаваат патниците со превентивните мерки кои треба да ги преземат ако одат за Кина...
Нема потреба од паника и воведување ригорозни мерки. На Скопскиот аеродром нема да се прави термален скрининг, но ќе има информативни флаери за смртоносниот Корона вирус, информираше Комисијата за заразни болести. Оттаму велат дека ќе ги запознаваат патниците со превентивните мерки кои треба да ги преземат ако одат за Кина.
Епидемиолозите сметаат дека терминалниот скрининг не е многу ефикасна мерка. Тие појаснуваат дека има и други заразни заболувања, особено сега кога е сезона на грип, а кои може да дадат слични симптоми. Исто така, може и пациентите да се во фаза на инкубација или под одредена терапија.
Соединетите Американски Држави беа едни од првите коишто почнаа со скрининг на патници. Претежно за оние кои доаѓаат од Кина.
Европскиот Центар за заразни болести го оценува ризикот за влез на Корона вирусот на стариот континент како средно низок, посочува Комисијата за заразни болести. Оттаму велат и оти сѐ уште нема доволно докази дека заболувањето се шири лесно од човек на човек.
Ана Јосифоска- Тодоровска
