Можна глобална вонредна состојба поради Коронавирусот
Се очекува одлука од Светската здравствена организација за прогласување на глобална вонредна состојба поради ризикот од ширење на смртоносниот Коронавирус. Досега починаа 17 луѓе, а заболени се стотици. Доколку се прогласи вонредна состојба, тоа ќе биде по шестти пат оваа деценија...

Кинескиот град Вухан во карантин поради вирусот Корона кој усмрти речиси 20 луѓе. Над 500 се заразени од заболувањето кое се шири и надвор од границите на најнаселената земја во светот. Покрај откажаните летови и возови, не функционира ни јавниот превоз во градот со 11 милиони жители.
Одделот за туризам и култура ги откажа сите групни тури до 8-ми февруари, а нема да се одржат ни настаните планирани за Лунарното новогодишно празнување. Вухан се смета за стартна точка на епидемијата бидејќи првите случаи се забележени кај работници или клиенти на локален пазар каде, покрај месо, се продаваат и животни.
Властите издадоа наредба за задолжително носење маска и ги советуваа жителите да не го напуштаат градот.
„Два дена носам маска, не ми е проблем. Но состојбата е сериозна, загрижена сум.“
„Несигурно е, не сакам да ризикувам. Морам да се осигурам дека вработените и клиентите не се изложени на опасност.“
„Уверена сум дека Владата знае што прави и дека наскоро ќе ја стави ситуацијата под контрола“- велат жители на градот.
Изолиран е и градот Хуанганг. Кинеските туристи кои се во странство преземаат превентивни мерки пред да се вратат дома.
„Состојбата во Кина е ужасна. Моите пријатели ми рекоа да купам многу маски овде во Јапонија. Сега, најпродаваниот сувенир се маските.“
„Правам се што можам за да се заштитам. Јас можам толку. И се обидувам да не му наштетам на некој друг ако ми се случи нешто.“
Иако короновирусот се пренесува преку дишење, а кинеските здравствени работници соопштија дека тој може да мутира и да се шири понатаму. Случаи се веќе пријавени и на Тајван, Филипини, Тајланд, Јапонија, Јужна Кореја и во САД.
Маја С. Филдишев
