Транспаренси Интернешнл

Загрижува нивото на корупција во Македонија

23.01.2020 12:32

Македонија во 2019-та бележи пад од 13 места на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата, и е на 106-то место од 180 рангирани држави, покажува најновиот извештај на „Транспаренси Интернешнл“. Овој податок е загрижувачки и ја враќа земјава на нивото пред изборите и пред промената на власта во 2016-та година, вели Слаѓана Тасева...

Од 180 држави на 106-то место, вака е позиционирана земјава на најновото рангирање во кое се пресметува индексот на корупција. Од пред две години, кога бевме 93-ти, бележиме назадување, што значи дека се зголемила корупцијата– објаснуваат од „Транспаренси Интернешнл“. Во регионот сме последни, заедно со Албанија.

Овојпат фокусот бил ставен на финансиското влијание врз политиката и обратно со цел остварување лични интереси, посочува Слаѓана Тасева. Според неа, клиентелизмот е основна карактеристика на општеството, одредени луѓе се повластени во однос на водење бизнис, вработување, во судски постапки.

„Фрустрациите се поради корупција во Владата и немање доверба во институциите“, тврди Тасева. Посочува дека е неопходен поголем политички интегритет и контрола на големите пари во политиката. Во однос на рангирањето, повеќе од две-третини од државите стагнираат или покажуваат знаци на уназадување во нивните анти-корупциски напори.

 

Марина Стојанова- Тонева