Рочиштето за „Рекет“ одложено за понеделник
Рочиштето за „Рекет“ се одложи до понеделник. Бранителите на Катица Јанева сѐ уште се болни. Судијката реши, доколку не дојдат на расправата, на Јанева ќе ѝ биде назначен адвокат по службена должност...
Сѐ уште се болни бранителите на Јанева, па рочиштето за „Рекет“ се одложи до понеделник. Доколку не дојдат на расправата, Судот ќе ѝ назначи бранител по службена должност, бидејќи како што рече судечкиот судија, првообвинетиот Бојан Јовановски е во притвор и судењето не може да се одлага во недоголед.
Претходно во судницата Јанева имаше можност да избере дали ќе најде сама други бранители или судот да и одреди по службена должност, на што таа одговори дека си има бранители. Следуваше забелешка од судијата дека тие подолго време отсуствуваат, а Јанева рече судот сам да одлучи за нејзините бранители.
Поради одложувањето на рочиштето и неговата лоша здравствена состојба, речиси пред малигнитет, како што рече, Боки 13 побара судот да земе предвид дека 55 пати врз него се правени интервенции и дека тој не е експериментално глувче туку човек со право на живот.
На игнорантниот однос на судските власти спрема состојбата на неговиот клиент, се пожали адвокатот Дуковски. Тој посочи дека Јовановски е дискриминиран бидејќи единствено тој е во притвор од сите обвинети во случајот. Обвини дека носењето на Јовановски по лекари е само алиби дека ете нешто се презема за неговата состојба, но не и вистинска грижа за обвинетиот.
На рочиштето во судница по втор пат доаѓа обвинителката Лиле Стефанова, за да сведочи во оваа постапка. На предлог на обвинителката Вилма Рускоска, сведоци ќе бидат и други обвинители од СЈО. Досега сведочеше обвинителката Елизабета Јосифовска.
Фиљана Кока
