Во Израел Пендаровски оствари средби со колегите од Финска, Кипар и Грузија

23.01.2020 11:48

Пендаровски учествува на лидерски форум во Израел на одбележување на Меѓународниот ден на холокаустот и 75-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта, Аушвиц-Биркенау.

Претседателот Пендаровски учествува на лидерски форум во Израел на одбележување на Меѓународниот ден на холокаустот и 75-годишнината од ослободувањето на логорот на смртта, Аушвиц-Биркенау.

Форумот се одржува во Светскиот меморијален центар на холокаустот „Јад Вашем“ во Ерусалим, со присуство на над 40 шефови на држави и влади, и членови на кралски семејства. Пендаровски оствари средби и со колегите од Финска, Кипар и Грузија.

На средбата со претседателот на Република Финска, Саули Нинисто, како што соопштија од претседателскиот кабинет, Пендаровски се заблагодари за принципиелната поддршка за нашата европска перспектива за време на изминатото шестмесечно финско претседателство со ЕУ и нагласи дека двете држави градат пријателски односи.

Претседателот Пендаровски, на средбата со Никос Анастасијадис, претседател на Република Кипар, изрази задоволство од воспоставените дипломатски односи и истакна дека Северна Македонија е целосно подготвена за заеднички развој на пријателски односи со Кипар во областите од заеднички интерес, особено во културата, трговијата и туризмот.

Со претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, беа разменети мислења за билатералните односи меѓу двете држави и можностите за нивно унапредување, при што беше истакната потребата од воспоставување на билатерална правна рамка во сите области од взаемен интерес, како основа за натамошно продлабочување на соработката, особено во областа на економијата.

Претседателот Пендаровски ќе присуствува и на конференцијата на тема „Сеќавање на холокаусотот и борбата против антисемитизмот“, и на меморијалната церемонија на полагање цвеќиња.