Заштита за над 2 илјади икони во Прилеп

06.03.2014 17:06

Најголемата заштита на македонските икони, меѓу другото, е во нивната целосна документираност и поврзаност на институциите за заштита од кражби. Така работат во Прилеп каде имаат евидентирано преку 2080 икони како споменици на културата.

Преку 2080 икони од 120-на цркви и манастири  во прилепско од 11 до 19 век се евидентирани како споменици на културата. Од  завод и музеј велат дека се преземени сите мерки за нивно зачувување и заштита.

„Имаме комплетна документација за 2080 или 2100-ина икони. Тие се заштитени во црквите и манастирите од позиција што Црквата формира црковни одбори“, вели Илија Велкоски  советник кустос во Завод и музеј Прилеп.

Највредните се дел од непроценливата збирка на прилепската галерија на икони.

„Една од најубавите икони, итоа збирна икона е Дејсизниот чин од 1535 година, донесен од селската црква „Свети Никола“ од село Зрзе. Имаме откриени нови икони од познатите мајстори Адамче и Дичо Зограф“, вели Велкоски.

Според експертите, една од најважните  карактеристики за заштита на македонските икони е нивната целосна документираност. Да знаеме со какво богатство располагаме за да го заштитиме од кражби.

Во триесетина години имало неколку кражби во прилепско, но се е пронајдено и вратено.

„Нашава документација што ја имаме поделена е на полицијата и на царинската служба, така што можеме да интервенираме заедно со овие две институции и брзо да ги пронајдеме украдените икони“, изјави Велкоски.

Пред 10-на години, светот, во Њујорк ги виде ретките книжни икони. Заводот чува и 15 ина од Трескавец. Со националниот конзерваторски центар ги конзервираше за во погоден момент да ги врати. Ќе има проект за новата ревизија, услов за заштита на немерливото културно богатство.

 

Елизабета Митреска