За една недела двојно зголемен бројот на заболени од грип
Расте бројот на заболени од грип во земјава. За една недела 1.100 граѓани побарале лекарска помош. Грипот предизвикал компликации кај 14 пациенти со пневмонија, сите се хоспитализирани на Инфективната клиника. Еден се бори за живот. Вакцинацијата е најдобрата превенција- препорака од инфектолозите...
За една недела бројот на заболени од грип е двојно зголемен- покажуваат податоците на Институтот за јавно здравје. Најголем дел од пациентите се од Струмица, Гостивар и Скопје. Грипот им направил компликации на 14 пациенти кои се хоспитализирани на Инфективната клиника. Петмина се со свински грип. Еден се бори за живот.
„Најчесто од компликациите во прашање е пневмонијата. Инаку од тие пациенти 5 се лабораториски потврдени, станува збор за пациенти со инфлуенца АХ1Н1. Инаку на оделот за интензивна нега има еден пациент кој се наоѓа во тешка животозагрозувачка состојба, кој е пациент со Хронична опструктивна белодробна болест. Тоа е пациент кој кај нас е примен поради една масивна пневмонија“, изјави д-р Сања Миленковиќ, Клиника за инфективни болести.
Инфектолозите со препорака, граѓаните да се вакцинираат, бидејќи тоа е најдобрата превенција. Од Институтот очекуваат пикот да биде достигнат во февруари.
Грипот брзо се шири, предупредуваат епидемиолозите. Советуваат родителите да не ги носат болните деца во градинка или во училиште.
Лани од грип во земјава заболеа повеќе од 20 илјади граѓани, 30-ина починаа, a меѓу нив имаше и деца.
Андријана Атанасовска
