Национална конвенција

Потребна е предвидлива работна клима

23.01.2020 15:18

Работодавците да го почитуваат Законот за работни односи, да се забрза формирањето на Комисијата за спречување на дискриминација, задолжително да се усогласуваат платите со законите и колективните договори, да се зајакнат синдикатите- предлози на научната фела за намалување на јазот на пазарот на труд. Посочуваат дека работодавците треба да им обезбедат достоинствена работа за вработените, платена според трудот...

Поради сѐ поголемиот јаз меѓу богатите и сиромашните треба да се размислува кон нов социјален модел, вели универзитетскиот професор Пејковски. Посочува дека Синдикатот, власта и работниците треба да седнат на маса и да ги договорат новите правила. Предупредува, ситуацијата може да нарасне до ниво на социјални немири. Посочува ситуацијата е слична и на глобално ниво.

На проблемот се надоврзуваат и комплексниот пазар на труд, неусогласената понуда и побарувачка на кадар, различните барања на работодавците и очекувања на работниците. Според експертите, ваква е сликата со години во земјава.

Се предлага промени да има уште во образовниот систем, ревизија на Законот за стипендирање и на практиканство, како и промена на базата на невработени лица.

Денешната дебата е во рамките на Националната конвенција за Европска унија која треба земјава да ја подготви за членство во Унијата.

 

Дијана Ценевска