Политика

Собранието на 11-ти февруари ќе го ратификува Протоколот за НАТО

23.01.2020 16:17

Доколку Шпанскиот парламент не го ратификува Протоколот за НАТО, спикерот Џафери планира на 11-ти февруари да закаже пленарна седница за предвремена ратификација на документот. Ресорната министерка е оптимистка дека земјава ќе стане полноправна членка на Алијансата пред изборите во април...

Македонското Собрание, сепак нема да чека на Шпанија за ратификација на протоколот за НАТО. Спикерот Џафери се реши за предвремена ратификација за да се запази рокот 12-ти февруари кога се распушта овој состав.

„Плановите мои се на 11-ти февруари да свикам седница со единствена точка на дневен ред – ратификација на Протоколот за членство на Република Северна Македонија во НАТО, со клаузула за одложено дејство до завршување на процесот во другите земји и да го донесеме во овој состав“, изјави Талат Џафери- претседател на Собранието.

Откако Владата во Мадрид препорача, тамошниот парламент со забрзана постапка да ја заврши работата, проценките се дека процесот ќе биде готов до март. Ресорната министерка е оптимистка дека земјава ќе стане полноправна членка на Алијансата пред изборите во април.

„Една работа е нашиот процес на ратификација, втора работа е ратификацијата во шпанскиот Парламент и завршувањето на целиот овој процес, а трета различна работа се изборите. Сигурна сум дека изборите ќе ги организираме како 30. членка на НАТО Алијансата и после 30 години вртење во место, после 30 години ветувања на многу политички елити, ќе ја имаме честа и одговорноста да сме биле тука кога е постигнат тој најголем успех“, изјави министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска.

Шеќеринска повика на одговорност од сите партии од овој парламентарен состав да го усвојат и Законот за одбрана, со што земјава подготвено ќе ги преземе одговорностите како 30-та земја- членка на НАТО.

Ирина Гелевска