Мицкоски нема да прави компромиси за Законот за ЈО, Заев тврди- текстот е работен во консултација со Вашингтон и Брисел
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ изјави дека нема да прави компромиси Законот за јавно обвинителство. Текстот предложен од Минисерството за правда го оценува како противуставен и неевропски. Неговиот ривал од СДСМ тврди дека при изработката се користени американски и европски искуства. Обвини дека Мицкоски работел по налог на својот претходник во партијата...

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е подготвен да преговара со власта за предлогот за Законот за јавното обвинителство. Ама, како што рече, за да види дали СДСМ е подготвен да се откаже од заштита на своите криминали. Мицкоски го оцени сегашниот предлог- закон како неевропски и противуставен. Изјави дека нема да прави компромиси.
„Очигледен е очајничкиот потег на предлагачот да ги озакони незаконските постапки на актуелниот републички јавен обвинител кој незаконски, но фактички ги внесе овие постапки во делокругот на работата на јавното обвинителство. И со овој закон практично во тек на постапка се сака да се озакони она кое што незаконски беше направено односно преносот на процесите од СЈО во редовното јавно обвинителство“, нагласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Лидерот на СДСМ му одговори со обвинување дека Мицкоски работи според инструкциите од Будимпешта и се обидува да го заштити криминалот во своите редови и да ги опструира реформските процеси во јавното обвинителство. Заев тврди дека законот е работен со помош од европски и американски експерти и, според него, обезбедува функционирање на обвинителството во полн капацитет.
„Со законот се гарантираат сите актуелни случаи, отпочнати предистраги, истраги, судски процеси и слично без разлика за кого се однесуваат, вклучително и предметите од СЈО, но и од Обвинителството за организиран кримнал и тоа сегашни, минати а веројатно и идни предмети. Ако ВМРО-ДПМНЕ е за вакво решение јавно ги повикувам, а веројатно тоа ќе го направи и министерката за правда како лидер на работната група од наша страна, уште утре да седнат работните групи и веднаш да разговаат за се да решиме во функција и интерес на граѓаните“, изјави претседателот на СДСМ, Зоран Заев.
Еврокомесарот Вархеи и францускиот амбасадор во земјава Тимоние, апелираа законот за јавно обвинителство да биде во листата на реформски приоритети на земјава и да биде изгласан од овој парламентарен состав пред предвремените парламентарни избори во април. Тоа, според нив, би можело да биде дополнителен аргумент пред Европскиот совет, покрај добро спроведените избори, да биде импулс за позитивна одлука на Брисел за старт на пристапните преговори на земјава со ЕУ.
Игор Панов
