Недела за борба против ракот

06.03.2014 17:15

Пушењето, алкохолот и дебелината се најголеми ризик фактор за карцином...

Според последните официјални податоци на Институтот за јавно здравје, во Македонија малигните неоплазми се на второ место во структурата на причините за смрт на населението, веднаш по кардиоваскуларните заболувања. Нивното учество во вкупната смртност во 2011 година изнесувало 18,2%. Стапката на морбидитет од малигни неоплазми во земјава во 2011-та изнесувала 13,3% од вкупно лекуваните пациенти, што е зголемување од 136,5% во однос на 2002-ра година.

Повеќе од 30% од смртните случаи од рак може да се превенираат со: елиминирање на ризик факторите преку промоција на здрав стил на живот; скрининг и рана детекција; најдобар можен третман на пациентите со малигни неоплазми и подобар квалитет на животот и примена на научните достигнувања во евиденцијата, водењето и контролата на малигните неоплазми.

Според податоците на Светската здравствена организација - СЗО,со преку 8,2 милиони смртни случаи во 2012-та, малигните заболувања се меѓу главните причини за смртност во светот. 70% од смртните случаи предизвикани од малигните заболувања се случуваат во сиромашните и земјите во развој.

Предвидувањето на СЗО е дека бројот на заболени од малигни неоплазми на глобално ниво ќе се зголемува, од 14 милиони во 2012-та година на 22 милиона во наредните две децении.

Според СЗО со рано откривање, правилното дијагностицирање и третман на малигните заболувања, до 2025-та година можат да се спречат дури 1,5 милиони предвремени смртни случаи предизвикани од малигни заболувања.

ЕУ вложува повеќе од 200 милиони евра годишно во научни истражувања против ракот. Целта на сите активности во рамки на ЕУ е намалување на инциденцата на заболени од рак за 15% до 2020 година. Голем дел од средствата што ги одвојува ЕУ се наменети за рано откривање на ракот на дојка, на матката и на дебелото црево, преку спроведување на програмите за скрининг.

Пушењето е најчест причинител на појавата на рак. Тоа е одговорно за повеќе од 20% од сите смртни случаи од рак во светот. Останати ризични факториза појава на рак се: алкохолот, физичката неактивност и дебелината, слаба консумација на зеленчук и овошје, загадувањето на животната средина, HPV и хепатитис Б вирусите, ултравиолетовото и јонизирачкото зрачење, арсенот во водата за пиење, афлатоксините во храната и др. 

Најчеста форма на малигни заболувањакај мажите се ракот на белите дробови, на желудникот, на простататаина дебелото црево (кое е втора причина за смртност и кај мажите и кај жените и годишно се регистрираат по 500 ново заболени). Најчеста форма на малигно заболување кај женитееракот на дојката, на белите дробови, желудникот, дебелото црево и матката.

 

Соња Стојановска