ФИТР: „Предизвик за млади истражувачи“ објавен по трет пат
Повикот е наменет за сите основни и средни училишта, а истражувачките проекти на кои треба да работат деца во тимови од три до седум ученици предводени од ментори, треба да се од областите на природните и техничките науки...
Фондот за иновации и технолошки развој по трет пат објавува јавен повик „Предизвик за млади истражувачи“ чија цел е поттикнување на креативното размислување кај децата и поддршка за истражувачки проекти базирани на научен метод.
Повикот е наменет за сите основни и средни училишта, а истражувачките проекти на кои треба да работат деца во тимови од три до седум ученици предводени од ментори, треба да се од областите на природните и техничките науки. Процесот на истражување треба да се заснова на „научен метод“, односно да вклучува формулација, тестирање и потврда/модификација на хипотеза по пат на експеримент и набљудување, а предложените проекти треба да дадат видливи резултати.
Предност имаат проектите со интердисциплинарен карактер, кои предвидуваат инклузивен пристап во формирањето на тимовите и се поднесени од училишта од рурални средини.
Вкупниот буџет за овој предизвик изнесува 6.000.000 денари. Буџетот на поединечен предлог проект е до 300.000 денари, односно дополнителни 30.000 денари за ментори, наменети за обуки, семинари, конференции што би придонеле кон поуспешна реализација на проектот.
Предлог проектите што ќе пристигнат во рамки на јавниот повик „Предизвик за млади истражувачи“ ќе се оценуваат според квалитетот на проектот, применливост на резултатите од истражувањето, усогласеност на предлог-проектот со целите на јавниот повик и капацитет на проектниот тим. Јавниот повик кој ФИТР го објави денес ќе трае до 16-ти март.
