Средба на премиерот Спасовски со новиот амбасадор на БиХ, Јаќимовиќ

24.01.2020 12:30

Двете земји немаат отворени билатерални прашања што отвора широк простор за меѓусебна соработка- констатирано на средбата помеѓу премиерот Спасовски и Драган Јаќимовиќ, новоименуваниот амбасадор на БиХ во земјава.

Постои значителен напредок во односите помеѓу Македонија и Босна и Херцеговина изминатите две и пол години, во повеќе области. Двете земји немаат отворени билатерални прашања што отвора широк простор за меѓусебна соработка- констатирано на средбата помеѓу премиерот Спасовски и Драган Јаќимовиќ, новоименуваниот амбасадор на БиХ во земјава. Постои интерес за уште поголемо унапредување на економската соработка помеѓу двете држави.

„Определени сме да продолжиме да ги унапредуваме добрите пријателски и партнерски односи помеѓу нашите две држави, како и за добра соработка со сите соседи и во регионални рамки. Добро е што раководствата на државите во регионот се насочени повеќе од секогаш кон надминување на какви било отворени билатерални прашања и за гледање кон иднината. Пријателствата и зајакнувањето на економската соработка ќе овозможат во нашата заедничка голема цел, да ги мотивираме граѓаните на нашите држави и посебно младите луѓе, да останат да живеат и работат во своите родни земји. И Република Северна Македонија ќе продолжи да придонесува во добрата регионална соработка и европските интеграции“, изјавил премиерот Спасовски.

Како што соопштија од владината прес служба, на состанокот е разговарано за можностите за поактивна соработката меѓу Република Северна Македонија и Босна и Херцеговина во делот на поврзувањето на стопанските комори, во областа на земјоделството, за планираното воспоставување авиолинија што ќе ги олесни комуникациите меѓу двете земји и граѓаните, за поттикнувања на промоцијата и соработката во областа на туризмот и во сите други области од значење за квалитетот на живот на граѓаните.