Шарл Мишел во Скопје, новата методологија и реформскиот процес во фокус на средбите
Новата методологија за преговарање и текот на реформскиот процес во фокусот на средбите. Првиот човек на Европскиот совет Шарл Мишел во посета на земјава на разговори со државниот врв. Попладнево тет-а-тет средба со шефот на државата Пендаровски. Во почетокот на февруари е најавено да се обелодени реформата на ЕУ. Брисел со став, државава да го направи клучниот исчекор да ги почне преговорите. Мишел во земјава попладнево ќе допатува од Албанија...

Првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска е во посета на земјава. Доцна попладнево ќе има средба со претседателот Пендаровски. Се очекува главна тема на разговорите да бидат новата методологија за преговори, како и реформскиот процес. Според проценките, новата методологија за преговори се очекува да биде објавена во почетокот на февруари.
„Има јасна посветеност од земјите- членки дека регионот има европска перспектива. Значи проширувањето не се става во прашање. Она што се обидуваме да направиме е работа за да се направи методологијата за проширување, поефиксна, подинамична и повеќе политичка. Двете страни во преговорите да ги знаат принципите за проширување што Европската комисија ќе ги претстави во наредните неколку недели“, изјави Ана Писонеро Фернандез, портпарол на Европска комисија.
Не е познато дали во новата методологија ќе биде вклучен и предлогот на поранешниот еврокомесар за проширување Јоханес Хан за отворање и затворање на поглавјата за преговори со просто мнозинство од земјите- членки. Од претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел при денешните посети на Албанија и земјава, се очекува појаснување околу новата методологија, која е услов Франција да се согласи за почнување на пристапни преговори, по непостигнувањето на согласност на европските лидери на Европскиот совет минатиот октомври.
Првиот чоевк на Европскиот совет треба да појасни дали ЕУ останува на очекувањата на престојниот совет во март повторно да се отвори прашањето за почеток на преговори. Европската перспектива на земјава и Албанија ја потврди и еврокомесарот за проширување Вархеји при неодамнешната посета на Тирана и Скопје.
Вархеји истакна дека еден аргумент плус за почеток на преговорите со ЕУ ќе биде и усвојување на Законот за јавното обвинителство пред распуштање на Собранието во февруари, за да во март комисијата има неоспорна препорака за почеток на преговорите. На самитот во Загреб во мај, ЕУ ќе објави и економски инвестициски план за Западниот Балкан, со цел да се интензивира присуството на унијата во регионот што ќе биде корисно и за унијата и за балканските земји.
Ирина Гелевска
