Се проширува радиусот на карантин поради Корона
Над 830 лица се инфицирани од корона вирусот. Најмалку 10 града во централиот дел на Кина воведоа забрана за патување. Регистрирани случаи има и во други делови низ Азија. Јапонската влада најави заострени мерки. Вирусот се префрли и преку Пацификот. Нови заболени во Калифорнија и во Тексас. Светската здравствена организација тврди дека е прерано да се прогласи епидемија на светско ниво...
Кина го проширува радиусот на областа која ја става во карантин во провинцијата Хубеј каде што се појави вирусот корона кој усмрти 26 луѓе. Најмалку 10 града во регионот на централиот дел на земјата воведоа забрана за патување. Досега се инфицирани 830 луѓе. Во градот Вухан со 11 милиони жители се гради и нова болница за хоспитализирање на пациентите.
„Во моментов, превенцијата на епидемијата од новиот вирус корона во градот Вухан е во критична фаза. Постојат големи ризици за ширење на истиот. Владата реши да ги затвори сите патишта кон надвор“, изјави Ванг Шиаодонг, гувернер на провинцијата Хубеј.
Регистрирани случаи на Корона има и во други делови низ Азија.
„На железничката станица во Вест Ковлун се делат здравствени формулари. Во просек, таму дневно има по 3.000 патници, но околу празникот, ќе имаме и по 20.000. Екипите на терен се загрижени за спроведувањето на оваа акција“, вели доктор Чуанг Шук-Кван, Оддел за здравство, Хонгконг.
Јапонската влада најави заострени мерки на аеродромите и пристаништата.
„Продолжете да правите максимални напори за спречување на ширењето на инфекцијата во Јапонија и за осигурување на безбедноста на нашите државјани кои живеат во Кина. Обезбедувајте им брзи и точни информации на луѓето и детали преку локалните амбасади“, рече Шинзо Абе, премиер на Јапонија.
Короната се префрли и преку Пацификот. Во САД има нови пациенти во Калифорнија и во Тексас. Светската здравствена организација тврди дека е прерано да се прогласи епидемија на светско ниво.
„Слично беше и со колерата или денгата. Здравствениот систем ќе биде под притисок поради бројот на луѓе кои ќе бидат загрижени дека го имаат вирусот и ќе одат на проверки. Ние мораме да го менаџираме и тоа за да може здравството да продолжи да работи соодветно“, изјави доктор Мајкл Рајан, извршен директор, Програма за вонредни здравствени состојби, СЗО.
Се претпоставува дека вирусот се појавил на пазар на кој се продавале месо, но и животни. Треската, кашлицата, отежнатото дишење и губењето на здивот се дел од засега познатите симптоми. Анализите на генетскиот код покажуваат поголема сличност со САРС отколку со кој било друг човечки вирус Корона.
Маја С. Филдишев
