Средба на работните групи за Законот за јавно обвинителство
Во Собранието е најавена средба на работните групи за Законот за јавно обвинителство. Од опозициската партија велат нема да остапат од своите барања, ќе учествуваат во преговорите ако се вклучи и стручната јавност и меѓународната заедница. Претседателот на СДСМ ги повика сите политички субјекти да преземат одговорност за негово донесување, побара ВМРО-ДПМНЕ да го прифатат законското решение...
Носењето за Законот за Јавно обвинителство ја гарантира европската иднина на државата, тоа е и успех на правната држава, рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев. Вели дека за сите случаи и предмети, без разлика на кого се однесуваат, мора да се гарантира професионална и ефикасна разрешница. Беззаконието и криминалот, мора да бидат соодветно третирани и професионално разоткриени и казнувани, посочува лидерот на Социјалдемократите. Според Заев, тоа е можно само со обвинителство ослободено од влијанието на политиката.
Од ВМРО-ДПМНЕ со став дека ќе учествуваат на преговорите за Законот за Јавно обвинителство, само ако бидат повикани стручни лица и претставници на меѓународниот фактор. Генералниот секретар Јанушев рече дека нема да отстапат од барањата, бидејќи тоа што го предлагаат е во насока на имплементација на сѐ она што веќе функционира и што помогнало за искоренување на криминалот и корупцијата во целиот развиен свет. Уште еднаш повторен ставот дека со ваквиот предлог власта единствено сака да го амнестира криминалот.
Од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ побараа јавна расправа за Законот во која ќе бидат вклучени експерти и претставници на меѓународната заедница, а нивните забелешки да се вградат во решението.
Игор Панов
