Прилепски „Комфи Ангел“- доказ за успешна инвестиција
Производството на сопствен бренд значи успех за компаниите кои започнале со мешан капитал. На тој начин полесно го освојуваат пазарот, а имаат можност да ја креираат целокупната извозна, кадровска и финансиска политика на фирмата. Во Прилеп има неколку такви примери.

Компанијата „Комфи Ангел“ од Прилеп, која е Британско-македонски капитал, може слободно да се каже дека претставува вистинско економско чудо и доказ дека тие се можни и во Македонија. За само една година фирмата го дуплираше бројот на вработени и профитот, а нејзините постелнини веќе се пласираат буквално во секоја земја од Европската унија.
„Сега сме компанијата со 960 вработени, со 50% зголемен приход, 50% зголемено производство, компанија која што е пример дека можи да се реализира се, и во Македонија“, вели Ирена Јакимоска, менаџер на „Комфи Ангел“.
Енормниот раст на компанијата започнува пред 2 години кога тие го напуштаат лон производството и започнуваат со производство на сопствен бренд.
„Ова се според мене се надевам само почетоците на успехот, и затоа оваа година нас ни е година на стабилизација каде што кога доживуваш таков екстремен раст мора да се стабилизиран на одреден период компанијата за да се одговори на потребите на купувачите“, истакна Јакимоска.
Визијата на менаџерскиот тим на компанијата е во иднина да започнат со производство на екстра екслузивна постелнина која што ќе се продава многу поскапо отколку сегашното производство и двојно ќе го зголеми профитот на фирмата.
Според менаџерот Јакимоска условите за бизнис во Македонија биле одлични и требало сите бизнисмени да ја искористат оваа позитивна прилика и законска легислатива која моментално се нуди.
„Базата во Македонија е поставена моментално на многу стабилно ниво и односи и сметам дека овие услови ќе бидат вакви уште едно сигурно 5 до 10 години и затоа ова е прилика бизнисмените овие услови максимално да се искористат за да може понатаму да инвестираат во развојна политика“, додаде Јакимоска.
Менаџерскиот тим веќе изготвиле план за инвестиции во нова опрема и погони за наредната година.
Дарко Штаргоски
