Македонски јазик ќе се учи на територија на цела Албанија

06.03.2014 17:38

Комитетот на министрите на Советот на Европа, усвои резолуција за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштитата на националните малцинства од страна на Албанија, во која Албанија прифаќа да овозможи школување на припадниците на Македонското национално малцинство на свој мајчин јазик од најрана возраст, на целата територија на Албанија.

Резолуцијата е донесена скоро по едногодишна интензивна дипломатска активност на Постојаната мисија на Република Македонија при Советот на Европа во Стразбур, Секретаријатот на Советот на Европа и заинтересираните земји- членки.

Оваа одредба на резолуцијата со која се обврзува Албанија, значи дека припадниците на македонското национално малцинство ќе можат да побараат настава на македонски јазик не само во зоните на Албанија каде живее мнозинството од нив, туку и во останатите делови на земјата.

Имено во извештајот по кој беше донесена резолуцијата се вели дека можностите да се изучува малцинскиот јазик и да се добива образование на тој јазик се недоволни, посебно за македонското и грчкото малцинство надвор од зоните во кои тие традиционално живеат. А не постои настава на српски, црногорски, влашки, аромански или ромски.

„Ова е сериозно постигнување за Република Македонија, но не само за Република Македонија и македонското национално малцинство, туку и за Република Албанија, која со прифаќањето и престојната имплементација на оваа одлука, ќе се стави во редот на европските земји кои прифатиле и имплементирале повисоки стандарди во делот на почитувањето на јазиќните права на националните малцинства. Нам како држава ни престои период од активно набљудување и соработка со Република Албанија во поглед на имплементацијата на оваа резолуција“,  изјави амбасадарот на Република Македонија при СЕ во Стразбур, Петар Поп-Арсов.

Интересно е дека во резолуцијата се споменуваат рамо до рамо македонското и грчкото национално малцинство.

Во Резолуцијата, иако се вели дека општо земено во Албанија преовладува клима на почитување и толерација меѓу националните малцинства и мнозинството, сепак има многу препораки за подобрување на ситуацијата како: институционалните рамки за организирањето на дијалог со нивните претставници, користењето на малцинските јазици во односите со администрацијата, топографските индикации, двојазчните натписи, негувањето и заштитата на културата, како и внимателно толкување на резултатите од спорниот попис.

Тони Гламчевски