„Виолински класици“ во Филхармонија

27.01.2020 13:03

Како солист ќе настапи виолинистот Александар Димчевски, а диригент е Румон Гамба од Велика Британија. На програмата се увертирата „Земја на планина и поплава“ од Хамиш Меккан, Концертот за виолина и оркестар од Макс Брух и Симфонијата број 7 од Антонин Дворжак.

„Виолински класици“ е насловен концертот на оркестарот на Филхармонија кој ќе се одржи в четврток во 20 часот. Како солист ќе настапи виолинистот Александар Димчевски, а диригент е Румон Гамба од Велика Британија. На програмата се увертирата „Земја на планина и поплава“ од Хамиш Меккан, Концертот за виолина и оркестар од Макс Брух и Симфонијата број 7 од Антонин Дворжак.

Британскиот диригент Румон Гамба, во својата досегашна кариера, бил на неколку значајни позиција, меѓу нив и шеф- диригент и музички директор на Шведската оперска компанија Норланд опера (2008–2015), шеф-диригент на Алборг симфонискиот оркестар (2011–2015), како и шеф-диригент и музички директор на Симфонискиот оркестар на Исланд (2002–2010). Маестро Гамба особено се фокусира на современата музика и неговото име стои зад светските премиери на „Две момчиња“ на Нико Мулеј во Англиската национална опера, Концертот за виола на Брет Дин со Би-би-си симфонискиот оркестар, националните премиери на „Танцувач во ноќта“ на Пол Рудерс, „Крв на подот“ од Марк Ентони или „Скерцоид“ со Норланд опера, како и австралиската премиера на оригиналната верзија на Симфонија бр. 5 од Сибелиус...

Виолинистот Александар Димчевски се етаблира како сестран уметник, настапувајќи како солист, камерен музичар, како концерт-мајстор, но и како педагог. Роден е во Франција, во руско- македонско семејство, а виолина почнал да учи со својот татко, реномираниот уметник Благоја Димчевски, поранешен ученик на Јуриј Јанкелевич, продолжувајќи го традиционалното руско училиште за свирење на виолина. Од 2016 година, Димчевски е концерт- мајстор во Унгарската државна опера, а од 2018 година го води и Камерниот оркестар Hohenems Arpeggione. Гостин концерт-мајстор е и во оркестри во Франција, Германија и Данска, каде што, како и во Унгарија, постојано држи мастер-часови. Александар Димчевски во моментов свири на виолина од 1754 година, изработена од Карло Фердинандо Ландолфи.