Рударство

Николов: Нема да има отпуштање на вработени од „Бучим“

27.01.2020 15:13

Бучим останува без рудни резерви, но нема да се затвори. Менаџментот планира транспорт на руда од нов површински коп. Тврди дека нема да има отпуштања. Спротивното би значело колапс на економијата во тој регион. Македонската асоцијација за рударство бара да се одложи донесувањето на Законот за минерални суровини. Потребни се јавна расправа и негово доусовршување...

Нема да има отпуштање на вработени од Бучим, иако рудните резерви завршуваат во јули годинава, велат од менаџментот на рудникот. Се преземаат мерки да нема прекин во работата и исчезнување на рударството. Од први август е предвидено да се транспортира руда од новиот површински коп во Боров дол. Ќе има и дополнителни вработувања, но доцни реализацијата на работите и дозволите кои треба да се добијат, вели Николов.

Од позиција и на претседател на Македонската асоцијација на рударство, Николов ги коментираше предлог- измените на Законот за минерални суровини. Од секторот сметаат дека со ова ќе се наруши процесот на експлоатација на рудата и ќе се одвратат инвеститорите.

Велат дека ова законско решение не може да се носи по скратена постапка. Потребни се јавна расправа и негово доусовршување. Од Асоцијацијата посочуваат да се одредат критериуми што точно значи поимот нарушување на животната средина и загадување за да може еднострано да се раскине договорот. Во спротивно, сметаат дека Законот ќе стане неприменлив.

 

Сунчица Николоска