ММФ: Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав
ММФ бележи дека Народна банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви, притоа задржувајќи ја олабавената монетарна политика, преку натамошно намалување на основната каматна стапка.

Монетарната политика е соодветна, а банкарскиот систем е здрав, потврдено е во извештајот за Северна Македонија за 2019 година, којшто го објави Меѓународниот монетарен фонд. ММФ бележи дека Народна банка соодветно ги искористила поволните услови за зголемување на девизните резерви, притоа задржувајќи ја олабавената монетарна политика, преку натамошно намалување на основната каматна стапка.
Како клучни фактори коишто придонесуваат за олабавување на монетарната политика се издвоени ниската инфлација, солидниот раст на депозитите и поволните движења на девизниот пазар.
Според оцените на ММФ, банкарскиот систем е здрав, добро капитализиран и ликвиден. Кредитниот раст е солиден, а нефункционалните пласмани и натаму се на релативно ниско ниво.
ММФ нагласува дека дополнителното зајакнување на рамката за финансиска стабилност и натаму е приоритет.
